Некој неврзан разговор на skype. Сè уште живеев во Литванија. Мојата драга стујардеса споделуваше долга листа дестинации. И тогаш го спомна Осло. А, баш му бев намерачена. Имаше некои евтини летови па желбата по Скандинавија ми имаше шепнато: Оствари ме. Вики ме поттикна да откуцам датуми а гратис да добијам средба со неа после повеќе од 4 месеци. Знаев дека градот ќе го поврзам со емоции како резултат на самиов вовед. Патам од големи очекувања и успеа да ги надмине. Чистотија насекаде и нејзината насмевка преку пат. Прегратка која го измота секој момент во кој не бевме заедно и нè донесе во универзум каде пред малку сме го завршиле последниот разговор. Ја фатив за рака силно за да си ја чувствувам и кога ќе си одам и префлривме улица некаде низ центарот. Сончев ден и отворени очи.
Градбите се гуглаат. Ќе прескокнам што гледавме наоколу зашто може да најдете. Нема да прескокнам да ви кажам колку топло беше во срцето додека ја допиваш чашата вино да се осеќаш дома така далеку. Не дека треба да напоменам ама вистина многу убав народ се. (Вики можам да замислам и како се смешка кога ја чита реченицава). Ја завршивме вечерата и долгата прошетка па се упативме накај тврдината. Интересен склоп на ноќта и фасцинација од погледот кога си таму горе. Застанав на ѕидот непаре чекам Џон Сноу да дојде и да нè поведе понатаму. Имаше по некој чувар наоколу облечен како воин од друго време. Се занесовме од убајна. Тргнавме назад. Затворена порта. Озбилно. Бледо се гледавме 2 секунди и гласно се смеевме неколку минути потоа. Нè затворија во тврдината. Одиме накај стражарот да ни покаже друг пат. Другиот пат на другиот крај. Мост со снег подзаборавен од сончевите зраци. Се завртив накај господинот и прашав: Први сме ова што ни се случило? Не, ми одговори. Тој не знаеше дека сме први кои на еден ден се тука за да се видат додека разгледуваат, Македонки, едната во Катар, другата во Литванија и дека си додадоа уште една приказна на својата љубов. Полека тргнавме накај хотел. Испивме по уште некоја чаша вино. Пред да заспиеме задоволно се смешкавме: Ќе има што да им раскажуваме на внуците.
